Составен тимот кој ќе ја претставува нашата држава на Меѓународната олимпијада Менделеев
Република Македонија за прв пат, организирано, според сите прописи и раководејќи се по протоколот поставен од организаторот на Интернационалната олимпијада Менделеев, ќе учествува на овој престижен натпревар. Инаку, од Република Македонија имало учесник во 2011, 2012 и 2013 година, но учеството било проследено со контроверзии. Според правилата на оваа олимпијада, претставниците од секоја земја треба да бидат избрани на транспарентен начин со организирање државен натпревар на кој имаат право да се пријават сите ученици од средните училишта. По барање на организаторот, членовите на македонската делегација не успеале да обезбедат документ со кој се докажувал начинот на избор на учесникот и соодветна акредитација од надлежните институции.
Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) има акредитација за организирање натпревари по хемија и претставници на сојузот го организираа селекциониот натпревар за избор на четворицата најдобри ученици. На овој селекционен натпревар, претходеше квалификационен на кој од 30-те најдобри ученици (најдобро рангираните на последниот државен натпревар) беа избрани 12. Комисијата во состав:
– Доц. д-р Миха Буклески,
– Доц. д-р Наташа Ристовска,
– Проф. д-р Слоботка Алексовска,
– Доц. д-р Јасмина Петреска-Станоева,
– Проф. д-р Билјана Пејова
– Проф д-р Марина Стефова
го спроведе натпреварот кој се состоеше од теоретски и експериментален дел. Ова е конечната ранг листа на сите 11 учесници:
1. Стефан Стојковиќ, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
2. Руфија Идризовска, ПСУ „Јахја Кемал“, Гостивар
3. Стефан Дамчевски, ПСУ „Јахја Кемал“, Струга
4. Михаил Трајков, ССОУ „Димитрија Чуповски“, Велес
5. Александар Трајковски, СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар
6. Иван Попјанев, СУГС Гимназија „Орце Николов“, Скопје
7. Александар Петрески, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп
8. Никола Донов, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
9. Ана Ѓаковска, СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје
10. Сања Крстеска, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп
11. Викторија Дунимаглоска, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп
Честитки за Михаил Трајков, ученик во нашето училиште ССОУ ,,Димитрија Чуповски” – Велес и менторот проф. Снежана Хаџиева.
Интернационалната олимпијада Менделеев е продолжение на републичкиот натпревар кој се реализирал во рамки на поранешниот Советски Сојуз. По неговото распаѓање, овој натпревар продолжил да се одржува, но во облик на меѓународно натпреварување на кое, освен поранешните Советски републики, право на учество имаат сите земји од светот, но по претходна покана од страна на организаторот. Оваа година се очекува да учествуваат околу 30 земји од Европа, Азија и Блискиот Исток. До сега, освен земјите од „Источниот блок“ учествувале и Турција, Саудиска Арабија и Израел. За разлика од Меѓународната олимпијада по хемија, Менделеевата олимпијада е помалку посетена, а тоа се должи на тежината на проблемите и сериозноста на експерименталните задачи. Натпреварот се состои од два теоретски дела и еден експериментален. Вториот теориски дел е напредно ниво и обработува теми кои не се застапени во наставната програма по хемија за средно училиште.
Оваа година Менделеевата олимпијада ќе се одржи во Санкт Петербург, Русија од 21 до 27 април. Домаќин може да биде само земја која порано била дел од Советскиот Сојуз. На чело на организацијата стои академик Василиј Лунин, професор на Државниот Московски Универзитет – Ломоносов. По негова покана, Република Македонија ќе учествува на ова значајно натпреварување. Возбудата и одговорноста е поголема имајќи го предвид фактот што оваа година е прогласена за Меѓународна година на Периодниот систем од страна на УНЕСКО, а натпреварот Менделеев е ставен на агендата настани кои влегуваат во одбележувањето на 150 годишнината од составувањето на Периодниот систем на елементите од страна на рускиот хемичар Димитриј Иванович Менделеев.
За учеството на Менделеевата олимпијада, финансиите ги обезбедени Рускиот амбасадор, неговата екселенција Сергеј Баздникин, кој по средбата со претставници од СХТМ изрази безрезервна поддршка и разбирање за состојбата во која се наоѓа сојузот. Искрено се надеваме дека учеството на оваа олимпијада ќе биде континуирано, а Република Македонија редовно ќе има свои претставници на оваа манифестација.
СХТМ им посакува голем успех на четворицата прворангирани, кои преку напорната работа и подготовки, успеаа да се изборат за најдобриот пласман. Истовремено ги охрабруваме сите учесници да продолжат да се подготвуваат напорно. Следува нов предизвик за сите 11 учесници.