Успешни приказни на наши поранешни ученици

Почитувани основци! Се ближи крајот на вашето образование со кое заокружувате дел од вашата приказна и започнувате нов чекор со кој правите избор за вашата професионална кариера. Со цел да ви помогнеме во вашиот избор ќе ви преставиме успешни приказни на наши поранешни ученици, кои средното образование го стекнале во ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес. Направете вистински избор со запишување во стручно образование и започнете ја вашата успешна приказна во некои од профилите кои ви ги нуди ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес.

Ѓоре Наков

Периодот од средношколксите денови, е најубавиот период од животот. Во овој период ќе стекнете многу пријатели. Некои од нив ќе станат пријатели за цел живот. Во ЕДИНСТВЕНОТО Средно Стручно Општинско Училиште „Димитрија Чуповски” во Велес во кое се изучуваат хемијата и нејзините сродни науки, покрај пријатната пријателска средина, ќе имате можност и од поблиску да се запознаете со науката за животот т.е хемијата. Биди фраер и спортистави и се на хемијата! Секој почеток е тежок, но од некаде МОРА да се започне! Јас почнав од тука како хемиско-технолошки техничар во ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес – доц. д-р Ѓоре Наков / Универзитет Анѓел Канчев – Филиал Разград / Катедра: Хемија, прехранбена технологија и биотехнологија

 

Страхил Тодоров

Здраво, јас сум Страхил Тодоров, доктор на медицина вработен во службата за итна медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом – Велес. Денес прославив 10 години од мојата матура, крајот на моето четиригодишно средно стручно образование. Во 2006 година бев примен во класот на медицинските сестри. Горд сум на тоа што имам „занает“ од еден таков хуман образовен профил. Знаењето добиено во текот на моето средно медицинско образование ми помогна и ми го олесно студирањето. Бев корисник на неколку стипендии, учествував на многу образовни рандевуа, литературни конкурси и државни натпревари од областа на природните науки. Доколку сакате да ги научите тајните на сестринството и да се здобиете со основните медицински знаења, вашиот избор треба да биде ССОУ “Димитрија Чуповски” – Велес. Вистински избор за којшто нема да зажалите.

 

Мартин Радулов

Здраво на сите, јас сум Мартин Радулов, доктор по медицина, вработен на Неврологија во една германска клиника. Мала порака до новите средношколци: Секоја професија, како и секоја работа на планетава треба да се почитува! Секој од нас треба да си го следи срцето и да не се откажува никогаш, без разлика на тежината на ударот кој ни го задава животот. Најубаво е чувството кога гледаш околу себе задоволни и благодарни луѓе. Во средното „Димитрија Чуповски” каде беа моите почетоци како фармацевтско-лабораториски техничар, доколку одлучите да учите таму, ќе ви покаже времето дека нема да зажалите за одлуката. Со задоволство споделувам една слика од мене и поздрав за моето сакано средно училиште, без кое немаше да успеам. Ви благодарам на сите вработени 2001-2005 и на сите мои школски за времето поминато заедно кое вечно се памети.

 

Драгана Јованова

Здраво! Јас сум Драгана Јованова, дипломиран фармацевт. Оваа година јас и мојата генерација славиме точно 15 години од нашето матурирање, во училиштето ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес. Зошто да го изберете ССОУ “Димитрија Чуповски“? Затоа што образованието во средно, треба да биде еден од најубавите периоди во вашиот живот. За мене се’ уште е еден од тие најубавите периоди кој, секогаш буди убави спомени. Никогаш нема да ги заборавам деновите поминати како ученик во ова училиште, посебно на создадените пријателства кои се’ уште траат, забавата и интересните моментите со соучениците и професорите, на кои и ден денес со радост се сеќаваме, а посебно на знаењето со кое се здобив, а е непроценливо значење кое навистина ми помогна при моето понатамошно школување. Сега со моето 10 годишно работно искуство како фармацевт, чест ми е што сум дел од тимот наставници во ова училиште каде на учениците можам да им го пренесам истото. Одберете стручност и професионалност, одберете место каде може да се чувствувате слободни и свои, место каде се цени креативноста и иновативноста.

 

Ѓорѓи Жежов

Здраво! Моето име е Ѓорѓи Жежов, магистер по хемиско и процесно инженерство, вработен како Координатор на проекти за подобрување во компанија за автомобилски делови. Средното образование во ССОУ „Димитрија Чуповски“ како хемиско-технолошки техничар беше одлична основа за моето понатамошно надоградување. Дружењето, формалното и неформално образование, разните секции и тимски активности, и отвореноста на професорите беше тоа што го направи квалитено времето поминато во ова училиште. Изборот на средно училиште не е лесен, но што и да изберете ако верувате во вашиот избор нема да згрешите. Поздрав до сите мои другари, соученици и професори од ССОУ „Димитрија Чуповски“.

 

Оливера Терзиева

Здраво почитувани идни средношколци! Моето име е Оливера Терзиева, фармацевтски техничар, доктор по стоматологија, магистер по стоматолошки науки и моментално специјализант на Катедрата по Ортодонција. Еден случен настан придонесе, јас од Скопје, да се запишам во Велес, за да го продолжам моето средношколско образование. И на почетокот, моето образование, моето постојано патување, моите контакти со многу луѓе изгледаа како невозможна мисија, но се помина многу брзо, убаво, незаборавно и еве, оваа година се навршуваат 14 години од моето матурирање и потсетувањето на тие прекрасни денови се уште побудуваат топлина во мојава душа и насмевка на моето лице. Средношколските денови се најубавиот период од животот на една индивидуа, период на интелектуално и физичко созревање, социјално и општествено самокласифицирање, мост помеѓу детството и зрелоста. На моја огромна среќа и задоволство, голема улога во мојот интелектуален и социјален развиток во средношколскиот период ми овозможи квалитетниот кадар, практичното надградување и непречениот извор на информации кои континуирано ги добив во текот на моето учење во склоп на паралелката на фармацевтски техничари при ССОУ ,,Димитрија Чуповски”. Јаката основа во областа на медицината и љубовта која ја стекнав кон оваа благородна наука, во овој период, ми овозможија брзо и лесно совладување на студиите кои следуваа, постојана желба за сопствена надоградба која до ден денес е со ист интензитет, а со тоа и полесно снаоѓање во работната средина и достигнување на поставените цели и соништа. Морам да напоменам дека квалитетното средно образование и ,,занаетот”(фармацевтски техничар) кој го стекнав ми овозможија еден убав период од мојот живот да работам како дел од тимот на еден од најголемите ланци на аптеки во нашата земја, стекнав огромно искуство и се развивав себеси. Затоа, НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈТЕ ОД СВОИТЕ СОНИШТА! Порано или подоцна, тие ќе постанат реалност! Оливера Терзиева- Петровска / Асистент при Универзитетот ,, Гоце Делчев” во Штип / Доктор по стоматологија во Приватна Стоматолошка Ординација

 

Јованче Тодоров

Драги ученици од основните училишта, дали знаете што е тоа успех? Дали и вие сакате да бидете успешни? Според мене успех е да се стекнете со апликативно знаење кое ќе можете да го примените веднаш на пазарот на труд по само четиригодишно средно стручно образование. Јас во 2003-та година го започнав мојот успешен образовен пат со запишувањето во ССОУ „Димитрија Чуповски“-Велес, во профилот фармацевтско-лабораториски техничар. Со завршување на ова образование веднаш можете да се вработите во аптека или во фармацевтската индрустрија. Дополнителен мотив да се запишете на оваа насока нека ви биде и фактот што во моментов нема ниту еден невработен фармацевтски техничар и дипломиран фармацевт!Средношколските денови ми будат прекрасни спомени за убавите моменти поминати во училниците и лабораториите, каде се стекнав со стручно знаење од областа на фармацијата, кое многу ми помогна во понатамошното образование на Фармацевтскиот факултет во Скопје.Партнерскиот однос со професорите ќе ве мотивира да стекнете нови знаења кои ќе ви го развијат натпреварувачкиот дух и ќе ве поттикнат да учествувате на сите државни и меѓународни натпревари од областа на природните науки. Токму затоа, запишете се во училиште во кое ќе учите за знаење, а не за оцена! Запишете се во ССОУ „Димитрија Чуповски“  Велес –  м-р по фармација Јованче Тодоров, вработен во АЛКАЛОИД АД Скопје

 

Александра Карагирова

Здраво… Јас сум Александра Карагирова, дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор , основач и управител на првиот приватен Центар за стимулација, раст и развој „СТАРС“, во Повардарскиот регион. Нема поубаво чувство од тоа да ја сакаш работата што ја работиш и целосно да те исполнува. Да се одбере средно образование е тешка задача затоа што истото претставува основа за она што понатаму сакаш да го изградиш од себеси како стручно лице. Профилот фармацевтско-лабораториски техничар во ССОУ „Димитрија Чуповски“, за мене претставуваше лесен избор за тоа што сакам да бидам, нудејќи ми ја основата за мојата животна платформа врз која со многу вложен труд успеав да се изградам себеси како професионалец. Затоа верувајте во себе и во тимот на ССОУ „Димитирија Чуповски“, каде што што ќе бидете во рацете на врвни професионалци кои ќе Ви помогнат во поставувањето на темелите за Вашата идна животна професија!

 

Емилија Филиповска

Почитувани основци, сакам да ја споделам и мојата успешна приказна како редовен ученик во ССОУ „Димитрија Чуповски-Велес насока-фармацевтско-лабораториски техничар се образував во периодот (2004-2008 год.). Активно учествував на обуки и семинари на тема: активно барање на работа, самовработување и претприемништво организирани од страна на УСАИД, како и пренесување на искуството од истите на соучениците преку предавања и дебати организирани во училиштето. Во 2008 бев најдобар ученик во училиштето. Образованието го продолжив како студент на Фармацевтскот факултет при УКИМ во Скопје. Редовно положени сите колоквиуми, испити и завршни вежби во текот на петгодишното студирање. Избрана како демонстратор на вежби по предметите : биохемија,фармацевтска хемија и токсикологија. Во 2013 -прогласена за најдобар студент на генерација од ректоратот на УКИМ. Имам тригодишно работно искуство во областа на регистрацијата на лекови и додатоци во исхрана во фирма во Скопје. Четири години работам во област -аптекарско работење во аптека во Велес. Основата која ја добив со средното образование ми помогна во мојата успешна приказна, затоа направете успешна приказна и вие и придружите се во тимит најдобри!

 

Милена Трајкова

Здраво идни средношколци, мојата успешна приказна започнува кога решив да се запишам во хемиското училиште ССОУ „Димитрија Чуповски” во Велес. Средношколските денови ми носат најубави спомени. Зошто е добро да се избере средно стручно? Образованието кое ќе го добиете ќе ви нуди шанса да добиете работа и доколку не продолжите со факултетско образование. Медицинските предмети во средно ми помогнаа полесно да се адаптирам на факултет. Моето високо образование го продолжив на Медицинскиот факултет во Скопје на логопедија, потоа продолжив на постдипломски студии по клиничка логопедија. Денес сум вработена во “ЈЗУ Здравствен Дом” во Велес како логопед во Служба за следење на деца со ризик и деца со пречки во развојот. Милена Трајкова – спец. клинички логопед.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *