Успешни приказни на наши поранешни ученици (втор дел)

Почитувани основци! Се ближи крајот на вашето образование со кое заокружувате дел од вашата приказна и започнувате нов чекор со кој правите избор за вашата професионална кариера. Со цел да ви помогнеме во вашиот избор ќе ви преставиме успешни приказни на наши поранешни ученици, кои средното образование го стекнале во ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес. Направете вистински избор со запишување во стручно образование и започнете ја вашата успешна приказна во некои од профилите кои ви ги нуди ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес.

Ангелина Николова

Почитувани основци, идни средношколци. Водејќи се од една мотивациона изрека, која вели “нема ништо поубаво, од тоа да го одиш сопствениот пат, кој веруваш дека ќе те донесе до она што отсекогаш ти била цел. Тој пат, не припаѓа на твоите родители, роднини и пријатели. Тој пат е твојот карактер, твојата истрајност, која секој ден те „дефинира се повеќе”, во 2006 ја донесов одлуката да се запишам во ССОУ” Димитрија Чуповски”, насока медицински сестри, знаејќи дека ја сакам медицинската струка. Тоа беше многу интересен и клучен период од мојот живот, за понатамошните донесени животни одлуки. Совладувајќи нови вештини од здравствената струка, со помош на професорите кои секогаш беа тука за соработка, секој ден бев се повеќе љубопитна да откривам и дознавам нешто ново. Одев на државни натпревари од различни области, образовни рандевуа и секогаш имав желба да си докажувам себеси дека можам повеќе. 2010, годината кога матурирав, бев прогласена за ученик на генерација и си докажав дека ниту еден вложен труд претходните години не беше залуден. Денес, на 10 години од матурата, со задоволство раскажувам за мојот средношколски живот. Благодарејќи на тие одлуки, успешно дипломирав на Медицински Факултет – Скопје и ја остварив мојата најголема желба, да специјализирам гинекологија и акушерство. Доколку и вашата желба и крајна цел е успешно да ги совладате вештините на некоја од областите која ги нуди ССОУ „Димитрија Чуповски“, тогаш тоа училиште е вистинскиот избор за вас. Место каде најубавите години ќе ги поминете во дружба додека стекнувате животни знаења.

 

Елена Димитриева

Здраво идни средношколци! Почнува ново поглавје во вашиот живот. Иако навидум сте многу млади и рано е да знаете што сакате да правите/бидете во животот, од вас се очекува да донесете важна одлука. Во средношколските денови драстично ќе ви се промени перцепцијата за светот и насоката кон која ќе се движите. Дел ќе биде поради биолошките промени низ кои ќе минувате, а дел поради влијанието на новата средина. Јас имав среќа, тој период од животот да го почнам во класот 1-2 медицински сестри со прекрасен класен раководител. Личност која во следните четири години ќе ми биде пример за упорност, чесност, лојалност и морал. Секој од останатите професори имаше своја улога во процесот на формирање на мојата личност. Знаеја да ме искритикуваат кога било потребно, но и да ме мотивираат кога најмногу ми требало. Денес сум доктор по општа медицина во Скопје и се подготвувам за специјализација. Мојата приказна не знам каде и како ќе заврши, ама знам каде започна и колку важни беа луѓето кои ги сретнав на патот. Изберете мудро, и никогаш, никогаш, никогаш не се откажувајте!

 

Моника Ѓорѓиева

Почитувани ученици, јас сум Моника Ѓорѓиева, поранешен ученик на ССОУ “Димитрија Чуповски” Велес, насока медицинска сестра. Во текот на образованието се стекнав со големо знаење, практични вештини, учествував на бројни натпревари во областа на науката и спотот како горд претставник на нашето училиште и школување го завршив како најдобар ученик во својата генерација. Студиите ги продолжив на медицинскиот факултет во Скопје и дел на медицинскиот факултет во Љубљана, со одличен успех кој беше резултат на добрата подготвеност во средното образование. Сега работам како лекар искористувајќи го своето знаење во секојдневната работа со пациенти. Ве поттикнувам сите Вас драги ученици кои сте желни за наука, сите кои сакате да соработувате со одличен кадар, да учите од најдобрите професионалци и да изградите успешна иднина да го продолжите своето школување во ова училиште. Нема подобра инвестиција од инвестирање во себе и во својата иднина.

 

Александра Гиовска

Крајот на основното образование и почетокот на средното е еден од главните пресврти во животот на секој, момент во кој секое дете за првпат има можност да донесе важна одлука, водено од својата желба каде се гледа себеси во иднина. Затоа јас, Александра Гиовска сакам со вас да ја споделам мојата успешна приказна која што започна во ССОУ „Димитрија Чуповски“-Велес. По препораки на мојата мајка се запишав во ССОУ „Димитрија Чуповски“ во насоката-фармацевтско-лабораториски техничар. Бидејќи бев вљубеник во хемијата и биологијата, всушност сфатив дека се наоѓам на вистинското место. Имав чест да ме образуваат професори кои што ни посветуваа многу време и внимание се со цел што подобро да го совалдаме дадениот материјал, но и да ја засакаме повеќе областа за која што сме се одлучиле. Поради нивнито несебнично заложување почнаа да ме привлекуваат и општествените науки, па бев дел од државни натпревари по Граѓанско образование и Историја (која што подоцна ќе стане мој избор за понатамошно образование). Во текот на моето образование во периодот од 2002 година до 2006 година научив многу нешта кои што подоцна ми помогнаа во животот. По завршувањето на средното училиште се запишав на Филозофскиот факултет во Скопје, на катердата за Историја на уметност. Иако сосем дијаметрално различна насока сепак, вештините за учење кои што ги стекнав во ова средно училиште ми беа од голема помош во текот на моето студирање, каде дипломирав како еден од надобрите три студенти на генерацијата 2006-2010 година. Подоцна по игра на случајност се најдов да работам во правните води. Веќе десет години сум дел од правниот тим на Леов Компани, поконкретно работа на тема човечки ресурси во која што се пронајдов себеси целосно. Мојата успешна приказна е пример дека Вашето средно образование на Ве ограничува во изборот за Вашето понатамошно професионално насочување во животот. Важен е тимот на професори кои ви пренесуваат знаење и вештини, јас во ССОУ „Димитрија Чуповски“ ги имав НАЈДОБРИТЕ!

 

Манчев Владимир

Здраво основци! Јас су Манчев Владимир, дипломиран инженер по хемија, аналитичко- структурна насока. Средното образование го стекнав во ССОУ”ДИМИТРИЈА ЧУПОВСКИ” ВЕЛЕС профил хемиско – технолошки техничар. Своето прво работно искуство го стекнав во Hi Tech Corporation, како оператор во хемиска лабораторија фабрика за електронски печатени плочи. Денес сум во Johnson Matthey како аналитичар во одделот контрола на квалитет. Знаењата и практичната работа во лабораторија стекнати во средно училиште ми помогнаа да ја засакам оваа струка и да продолжам во иста насока на инстутот за хемија на ПМФ при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје. Моите средношколски денови ги поминав во дружба и секако надградба со потготвување теми за натпревари од областа хемија на Сојузот на народна техника на кои освојував награди со помош наставниците како ментори. Времето поминато во ова училиште освен стручната подготовка ми остави убави спомени и пријателства кои траат до денес. Ви сакал да ве советувам дека хемијата која ви изгледа сека е тешка сепак е интересна и забавна, а во исто време неопходна за да се сфатат процесите во секојдневниот живот. Знаењата и искуствата кои ги стекнав во ССОУ„Димитрија Чуповски“ беа одлична основа за мојот успех во високото образование и се гордеам што можам денес да споделам своја успешна приказна.

 

Кристијан Тодоров

Почитувани деветтоодделенци, јас сум Кристијан Тодоров, дипломиран стручен физиотерапевт, пред одбрана на мојот специјалистички труд од областа на Кинезитерапијата за да се здобијам со стручниот назив: специјалист по кинезитерапија. Моите средношколски денови ги поминав во ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес, во класот на физиотерапевтите. За моето искуство во ова училиште можам да зборувам единствено со суперлативи: најдобро, најпрофесионално, најточно, најотворено и најзабавно. Практичната настава во одлично опремените кабинети во училиштето, како и онаа на одделението за физикална медицина и рехабилитација при ЈЗУ Општа болница – Велес ми ја дадоа основата на физиотерапијата. Зад мене се и редица посети на најголемите и најпознати бањски комплекси во нашата држава, каде што се здобив со практично знаење и вештини коишто ни недостасуваат во нашата средина. Затоа, топло ви препорачувам да се запишете во ова училиште – ќе добиете големо теоретско и практично знаење и најважно од сѐ, вистински пријателства и колегијалност кои ќе опстанат до крајот на вашиот живот.

 

Александра Банева

Здраво! Јас сум Александра Баневa. Пред 9 години мојот избор за средно образование беше профилот физиотерапевтски техничар во ССОУ „Димитрија Чуповски“. Стручните предмети кои ги изучував како да беа предизвик да продолжам во малку поразлична насоко- се запишав на Факултетот за Општа медицина „Гоце Делчев“ Денес сум доктор по општа медицина и вработена како наставник во истото ова училиште од каде што понесов многу знаење и вештини. Предизвикот да се придружиш на тимит, на наставниот кадар од кој некогаш си учел беше голем. Да се придружиш на оние кои на некој начин ти вградиле знаења сега повторно ти се ментори твоите знаења да ги пренесеш на најдобар начин на новите генерации. Јас направив избор и започнав приказна, но сега на ред сте вие.

 

Елена Димовска Томеска

Здраво. Јас сум Елена Димовска Томеска. Моето средно образование го започнав во ССОУ„Димитрија Чуповски“ смер фармацевтско-лабораториски техничар. Завршив во 2008 год, и продолжив студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски ” во Битола каде што дипломирав како јавен администратор. Со завршено стручно образование имате можност втора шанса/опција, па така веќе 9 години работам во ПЗУ Зегин Фарм како фармацевтски техничар. Со избирање на средно стручно образование се отвораат повеќе врати, имате избор, не сте ограничени. Горда сум што своето знаење го стекнав од стручен кадар професори и се надевам дека вашиот избор ќе биде токму ова училиште. Направете вистински избор.

 

Катерина Пушева

Здраво основци! Јас сум Пушева Катерина-доктор по општа медицина. Приказната со ССОУ”Димитрија Чуповски” започна во 2009 година. Белиот мантил и хуманоста беа она што ме фасцинирало од секогаш. Затоа го направив својот избор за средно стручно образование, образовен профил: фармацевтско-лабораториски техничар, а подоцна своето академско образование го продолжив на Факултетот за медицински науки-општа медицина при Универзитетот “Гоце Делчев”-Штип. Знаењата од стручното образование најмногу ми помогнаа во совладување на материјалот од речиси најтешките испити на факултет. Да се разбере стручната терминологија е како да се зборува на друг јазик, разбирлив само за професионалци. Да се биде дел од ССОУ”Димитрија Чуповски”-Велес, како ученик, а подоцна и како дел од наставниот кадар, претставува вистински предизвик на кој треба машки да се одговори. Зошто?! Затоа што стручното образование значи отворање на ново поглавје, станување своја и самостојна личност, како и градење на карактер. Комплетно нов свет, многу разоткриени тајни, корисни совети од секојдневието се само мал дел од она што го надополнува овој пејсаж. Моментално сум дел од наставниот кадар и сметам дека вистински му одговорив на предизвикот од далечната 2009-та. Денес да се биде рамо до рамо до лицата кои ги набљудуваш од средношколската клупа е огромна чест и привилегија. Доколку повторно би имала прилика за избор, се разбира дека тоа ќе биде ССОУ “Димитрија Чуповски”!

 

Весна Мешкова

Здраво! Јас сум Весна Мешкова, дипломиран професор по Биологија-Хемија на ПМФ-Скопје. Моето средно образование е фармацевтски техничар и козметички техничар во ССОУ “Димитрија Чуповски“ Велес. Зошто да го изберете ССОУ “Димитрија Чуповски“? Затоа што основата ја доградувате во области и науки кои што ќе ви значат многу во следниот чекор во високо образование. Затоа што образованието во средно, треба да биде еден од најубавите периоди во вашиот живот. За мене се’ уште е еден од тие најубавите периоди кој, секогаш буди убави спомени. Никогаш нема да ги заборавам деновите поминати како ученик во ова училиште, посебно на создадените пријателства кои се’ уште траат, забавата и интересните моментите со соучениците и професорите, на кои и ден денес со радост се сеќаваме, а посебно на знаењето со кое се здобив, а е непроценливо значење кое навистина ми помогна при моето понатамошно школување. Сега со моето знаење и искуство како професор, чест ми е што сум дел од наставниците кои го пренесуваат знаењето на учениците. Одберете стручност и професионалност, одберете место каде може да се чувствувате слободни и свои, место каде се цени креативноста и иновативноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *