Еко натпревар:Еко – катче во ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес, РС Македонија

Нашето училиште, како партнер училиште во GREEEN – Games, Resources, Environment, Entrepreneurship, and Education Network проектот, активно се вклучи во еко-натпреварот, чија цел е да се преземат акции за животната средина во најблиската средина во секоја од земјите партнер (Македонија, Романија, Кипар и Италија).

За таа цел, со ученици од втора, трета и четврта година, го изработивме еко-катчето, кое го поставивме во еден од ходниците на нашето училиште.

Ова еко-катче ќе биде место каде ќе се објавуваат информации од областа на заштитата на животната средина, еколошки активности, и информации кои ќе допринесат за подигнување на еколошката свест кај учениците.

За таа цел се изработија две паноа кои ги прикачивме на ѕидот и на кои објавуваме еколошки календари со најзначајните национални и меѓународни денови од областа на екологијата, информации за GREEEN проектот, проектните активности кои се изработиле или се во тек на реализација, како и други еколошки вести.

За изработка на ознаките (буквите) учениците реупотребија стара хартија и картон, а за изработка на украсите користеа и лименки, пластични шишиња, стари CD, пластични капачиња, употребена хартија и сл.

Но, најзабавниот дел од работата беше реупотребата на старите автомобилски гуми, кои ние ги пренаменивме во столчиња за седење. Повторно, за нивната целосна изработка користевме материјали кои можеа да се најдат во нашето училиште: за металните ногарки, ги искористивме старите и оштетени училишни столчиња, а на делот за седење на овие импровизирани гумени столчиња, се искористија парчиња дрво од старите училишни клупи и табли кои ги обложивме со сунѓер, платно и коноп. Затоа, сега еко-катчето е и често посетувано место, каде учениците седнуваат за време на училишните одмори или одмараат додека да влезат во околните лаборатории и наставни кабинети.

Целта на ова еко-катче е истото да се користи како место каде ќе се разменуваат идеи за идни активности, да ја поттикне креативноста на учениците, да научат за некои локални, национални или интернационални еколошки проблеми, да креираат идеи за подобрување на взаемните односи, иницијативи за справување со локалните предизвици на животната средина итн.

Одговорни професори: Руска Мицева и Драгана Јованова

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *