По повод Светскиот ден на дијабетесот, во просториите на Европска куќа – Велес, се одржа едукативен настан во организација на тимот наставници задолжени за програмата Унапредување на здравјето, на ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес во соработка со родителите на нашето училиште – главната сестра во велешката болница Баже Наневска, како и тимот од ЈЗУ Општа болница Велес.
На настанот присуствуваа ученици од основните училишта во градот, наставници од повеќе училишта, како и претставници од ЈЗУ Општа болница Велес, кои со своето присуство ја збогатија едукативната атмосфера.
Гостин-предавач на настанот беше проф. д-р Елена Шукарова Ангеловска, специјалист по педијатрија од Одделот за Ендокринологија и Генетика, која одржа стручно и содржајно предавање посветено на дијабетесот кај децата и младите, неговата превенција и важноста од навремено препознавање на симптомите.
Во рамките на настанот, нашите ученици од образовниот профил медицинска сестра реализираа практична презентација на која демонстрираа правилно мерење на нивото на шеќер во крвта. Со тоа учениците имаа можност активно да се вклучат и да го применат своето знаење, а присутните гости добија корисни информации за значењето на редовната контрола и здравите животни навики.
На крајот од настанот беше изразена искрена благодарност до проф. д-р Елена Шукарова Ангеловска за професионалниот придонес, до родителите за нивната несебична поддршка, како и до претставниците од ЈЗУ Општа Болница Велес за континуираната соработка и ангажман.
Настанот помина во едукативна и позитивна атмосфера, со силна порака за заедничка грижа, превенција и подигнување на свеста за дијабетесот.
Тимот наставници одговорни за настанот: Драгана Јованова, Весна Славеска, Весна Смилевска, Мимоза Јовиќ, Теодора Ботарева и Љубинка Ртоска.






