Оваа учебна година со посебна гордост одбележуваме четврт век од постоењето на профилот фармацевтски техничар во нашето училиште. Цели 25 години ССОУ „Димитрија Чуповски“ континуирано и успешно образува стручни кадри во областа на фармацијата, кои се препознатливи по својата професионалност, знаење и посветеност.
Во рамки на активностите по повод Светскиот ден на фармацевтите, учениците од профилот Фармацевтски техничар на 22.09.2025 година ја посетија компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Тие имаа можност одблиску да се запознаат со современиот процес на производство на фармацевтски производи, да учествуваат во кариерно советување, како и да го посетат музејот на Алкалоид – место што сведочи за историјата и развојот на една од најуспешните македонски компании.
Оваа посета беше уште еден чекор кон поврзување на теоретското и практичното знаење, но и вистинска инспирација за идните фармацевтски техничари, кои се дел од оваа значајна традиција.
Изразуваме голема благодарност до компанијата „Алкалоид“ АД Скопје за соработката, отвореноста и поддршката во процесот на едукација на идните фармацевтски техничари.







